Ако не ја покажеш идејата пред светот никогаш нема да знаеш дали има шанса да успее или не

311

Стартап Викенд Скопје е 54-часовен настан којшто ги обединува претприемачите, иноваторите, старт – ап ентузијастите и креативците со цел за време на само еден викенд, тимски да направат победничко бизнис решение. Традиционално настанот се одржува во живо, но поради моменталната ситуација, исто како и минатата година, настанот ќе се одржи онлајн за време на викендот 16-18 април. Не треба да дозволиме пандемијата да го сопре развојот на нови бизнис решенија, велат организаторите на Стартап Викенд Скопје, кои оваа година стојат позади 10-тото јубилејно издание на овој настан.

За тоа кој може да учествува, кои се придобивките од претстојниот настан, што му е неопходно за еден старт – ап да може да се развива и расте, разговаравме со Ивона Забазновска, тим лидер на организацискиот тим на Startup Weekend Skopje.

Бизнис Инфо: Викендот на 16-18 април ќе се одржи 10-тото издание на Стартап Викенд Скопје. За кого е наменет овој настан и како можат да се приклучат тие што сакаат да учествуваат?

Право на учество имаат апсолутно сите старт – ап ентузијасти. Не е важно дали имаш или немаш идеја за старт – ап, апликациите се отворени за сите. Учесниците кои немаат идеја, се приклучуваат во тимот на таа идеја која највеќе им се допаѓа, а пак учесниците кои имаат идеја, ја споделуваат во форма на 60 seconds Pitch и им даваат шанса на учесниците да се приклучат во нивниот тим, кога ќе дојде време за team formation во петок. Оваа година решивме да не го ограничуваме бројот на пријавени, па веќе имаме повеќе од 150. Инаку, учеството на 10-от Startup Weekend Skopje е бесплатно и ги охрабрувам сите заинтересирани да се регистрираат преку EVENTBRITE.

Бизнис Инфо: Победничкиот тим добива награда, но кои се придобивките и со какво искуство ќе се стекнат сите учесници на овој настан?

Како и секоја година, така и оваа нашите спонзори се погрижија најдобро пласираните три тимови да добијат одлични награди. Доделуваме награди за прво, второ и трето место, но искуството што го стекнуваат сите учесници е бесценето. Секој учесник на 54 часовниот настан има можност да:
– Се запознае со многу нови луѓе,
– Да слушне различни идеи и да се инспирира,
– Има шанса да ја тестира својата старт – ап идеја,
– Ќе добие директен feedback од менторите и експерти во областа,
– Има шанса да ја сподели својата старт – ап идеја, која на крајот на денот може да стане реалност.

Бизнис Инфо: Кои успешни приказни од претходните настани би ги издвоиле со коишто би ги мотивирале потенцијалните учесници ?

Успешни приказни од франшизата на Techstars Startup Weekend на глобално ниво има еден тон, и нормално Македонија не е исклучок. Како најсвежи и најактуелни успешни приказни ќе ги споменам Ways2Help и Challenger.
Ways2Help е победничката идеја од ланскиот онлајн Startup Weekend Skopje, на која што тимот продолжи да работи и реално во рок од една година остварија навистина импресивни резултати. Инсипирај се од приказната на Ways2Help и дознај повеќе на нивниот website.

Challenger е тимот кој го освои трето место на Startup Weekend Skopje 2018, иако се соочија со многу многу препреки, Challenger денеска е успешно лансирана мобилна апликација која 100% функционира. Погледни го нивниот website  и дознај повеќе што прави Challenger за нашата заедница.

Што му е неопходно за еден старт – ап да може да се развива и расте?

Најпрво од сè, за една старт – ап идеја да стане реалност, потребна е сериозна валидација на самата идеја. Мора да сме сигурни дека таа идеја ќе биде корисна за нашата таргет група и дека ќе решава одреден проблем. За успешна валидација, потребно е што повеќе луѓе да дознаат за идејата и да дадат свое мислење. Валидација на една идеја најдобро се прави со networking и тестирање, а најдобро место за такво нешто се самите старт – ап натпревари како што е Startup Weekend Skopje.

Кој совет би им го дале на младите од земјава кои имаат некоја идеја, но немаат храброст да ја реализираат?

Значи да се разбереме, ако не ја покажеш идејата пред светот никогаш нема да знаеш дали има шанса да успее или не. Дефинитивно ги охрабрувам сите оние кои имаат и тронка страв или пак несигурност за споделување на нивната идеја да се пријават на Startup Weekend Skopje, зошто навистина тоа е едно уникатно и инспирирачко искуство, верувајте ќе бидете изненадени.

Актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19 остава големи последици на светската економија. Како влијаеше на стартапите во земјава?

Стартапите кои се занимаваат со дигитални продукти сметам дека не осетија негативни последици, баш напротив се соочија со позитивен раст. Но од друга страна, драстично се намалија средствата од интернационалната funding сцена, што го стопираше развојот на многу старт – ап компании кои беа во првичната фаза на развој или во seed фаза на финансирање.