„Аксел Спрингер“ го купи „Политико“ за околу 1 милијарда долари

29

Германскиот медиумски издавач „Аксел Спрингер“ објави дека го купил „Политико“ (Вашингтон) во аквизиција вредна околу една милијарда долари, што е една од најголемите медиумски аквизиции во последно време.

„Аксел Спрингер“, кој е во сопственост на инвестицискиот фонд „ККР“, исто така, ги презеде преостанатите 50 проценти од акциите во „Политико Европа“ и технолошката веб -страница „Протокол“.

„Извонредниот тим на „Политико“ го потресе дигиталното политичко новинарство и постави нови стандарди. Ќе биде привилегија и посебна одговорност да помогнеме во обликувањето на иднината на оваа исклучителна медиумска компанија“, рече извршниот директор на „Аксел Спрингер“, Матијас Допфнер.

„Политико“ досега беше во сопственост на милијардерот Роберт Албрајтон. Основан е во 2007 година и претставува еден од најреспектабилните медиуми во светот кога станува збор за покривање политички настани. Има околу 500 вработени.

„Аксел Спрингер“ неодамна продаде удели во Србија, Унгарија, Словачка, Естонија, Летонија и Литванија.