Alexa проговори со гласовите на починатите најблиски

70

Интернет гигантот Amazon демонстрираше прилично контроверзна технологија, од етичка гледна точка, на овонеделната конференција Re: Mars во Лас Вегас. Компанијата покажа уред кој може да зборува со гласот на најблиските – дури и ако тие веќе го напуштиле овој свет.

Рохит Прасад, сениор потпретседател на компанијата и главен научник во тимот на Alexa, зборуваше за нова функција која му овозможува на гласовниот асистент да „клонира“ специфичен човечки глас, објави CNBC.

Во видеото за демонстрација, детето побара од баба му да му прочита приказна – заплетот е сосема достоен за следната серија на „Црно огледало“. Alexa го потврди барањето со нормален роботски глас, а потоа се префрли на помека, „почовечка“ верзија, имитирајќи го гласот на член на семејството.

Според Прасад, развојниот тим на Alexa создал модел кој му овозможува на асистентот да генерира висококвалитетна гласовна матрица користејќи помалку од една минута аудио за обука. Функцијата се уште е во развој и не се знае кога ќе биде достапна за пошироката јавност.

И покрај тврдењето дека технологијата може да генерира „дупликати“ на секој глас, Прасад експлицитно нагласи дека помага да се овековечи споменот на починатите роднини, бидејќи „толкумина од нас ги изгубија оние што ги сакаат“ за време на пандемијата Ковид-19. Според него, иако вештачката интелигенција не е во состојба да ја отстрани горчината на загубата, таа дефинитивно може да ги зачува спомените.

Генерално, технолошкиот гигант има намера да ги направи разговорите со Alexa поприродни. Голем број нови функции на гласовниот асистент ќе овозможат повеќе „хуманоиден“ дијалог, вклучително и поставување прашања на лицето по сопствена иницијатива на Alexa.