Фармацевтската компанија Алкалоид АД Скопје продолжува со традицијата за регионално лидерство при имплементација на нови алатки и функционалности во тековното работење.
Имено, компанијата прва самостојно имплементираше и пушти во употреба иновативна апликацијa CRM Sales Vision Pharma Аnywhere што всушност претставува надоградба на постоечкиот (CRM System) систем за управување на односите со клиентите, кој компанијата за прв пат го имплементираше во фармацевтскиот сегмент во 2008 година.
Апликација функционира со мобилни таблет уреди (Apple, iPad4) и овозможува постојана, навремена и ефикасна комуникација помеѓу вработените во компанијата, теренските работници, оние во канцелариите во базата и во подружниците надвор од Македонија.
Функционалностите на ова решение се поврзани со анализата на податоци, секојдневното планирање, маркетиншки активности, анализа на податоци, проекти, истражувања итн.
“Успешното комплетирање на овој проект од полето на информатичката технологија и телекомуникации на Алкалоид АД Скопје, ја отвори вратата за следната планирана фаза, а тоа е работа на терен со таблет уреди и во останатите подружници надвор од Македонија и нивно синхронизирање со базата”, истакна Никола Димовски, директор на сегментот за информатичка технологија (ИТ) во компанијата.
Генералниот директор на компанијата-партнер на Алкалоид за овој проект, Media-Soft, Дамир Шафариќ, обраќајќи се од Лондон, истакна дека соработката со Алкалоид претставува огромно задоволство за нив како компанија.
“Алкалоид е многу амбициозна компанија со моќно портфолио, посветена на иновации и во тие визии ние сме апсолутно компатибилни. Секогаш е добро да се види дека клиентите сакаат и бараат се посовршени системи”, изјави тој.