Алта Банка што ја купува Стопанска Битола ќе гради облакодер по дизајн на Заха Хадид

Српската Алта Банка, која е во процес на аквизиција на Стопанска банка Битола, најави амбициозен проект за изградба на ново седиште во Белград – кулата „Alta Tower“. Овој современ комплекс ќе обединува деловен, станбен, трговски и угостителски простор, заедно со нов јавен плоштад, со цел да се создаде динамичен урбан центар што ќе ги поврзе бизнисот и заедницата на едно место.

Архитектите „Заха Хадид“ (ZHA) и белградското биро „Биро Кјуб Партнерс“ (BCP) се избрани од Алта банка да ја проектираат новата кула „Алта“ во Блок 32 во Нов Белград, објави бирото на познатата покојна архитектка Заха Хадид на својот Инстаграм профил.

„Дизајнот на Алта Кула ги отелотворува основните вредности на банката – „стабилност, безбедност и отпорност“ – обезбедувајќи бизнис основа подготвена за иднината што ги поддржува работните модели на 21 век, ги зближува луѓето и ја поттикнува соработката“, соопшти ZHA, пренесе N1.

Тие исто така истакнуваат дека плоштадот Прешали пред Алта Кула создава „витален граѓански центар во Нов Белград за жителите, канцелариските работници и посетителите, како и за студентите на новиот Универзитетски центар што се наоѓа веднаш до кулата“.

ZHA потсетува дека веднаш до кулата Алта, на првата линија на белградското метро е планирана станицата „Меркатор“, како и дека Нов Белград е директно поврзан со остатокот од градот со автобуси, трамваи и градска железница.

Кулата Алта, како што е наведено, ќе се протега на 35 ката, интегрирајќи го новото седиште на банката заедно со станбени единици, канцелариски простор и трговски и угостителски објекти.

Целата зграда, како што објаснува ZHA, ќе има природна вентилација, додека вертикалните ролетни на фасадата ќе го намалуваат топлинското зрачење. Дизајнот е оптимизиран за да се зголеми ефикасноста на модуларноста со користење на материјали набавени локално во Србија, според лондонското студио.

Фото: Printscreen