Фото: Pixabay
Победничка компанија – Од било каде, до врвот
Излегувам од шема и пишувам за еден актуелен настан во Македонија. Следнава вест од нашите медиуми ми го привлече вниманието: „Со предложените законски измени до 1 јануари 2017 година за секој такси-превозник ќе биде задолжително познавањето основен англиски јазик, а од 2019 година познавање еден степен повеќе. Трошоците ќе ги покријат Министерството за транспорт и врски и општините, кои во меѓувреме ќе спроведат обуки.“
Се обидувам да најдам најблаг збор за да ја оценам оваа иницијатива, ама ништо поблаго од ова не ми текнува: безобразност.
Зошто е безобразно?
Според содржината, оваа иницијатива е еднаква на тоа да им се наложува:
– на сите земјоделци да завршат обука од основи на биологија и хемија;
– на сите текстилни работници да завршат обука од основи на технологија на материјали;
– на сите бравари и останати занаетчии да завршат обука од основи на CAD (Computer-Aided Design);
– на сите келнери и келнерки да завршат обука од основи на психологија;
Листава може да се продолжи со уште многу безобразности, а предлагачот на овие закони секогаш да ги образложува со „бидејќи е од суштинско значење во нивната дејност“.
Аман престанете!
Престанете да му се мешате на приватниот бизнис и оставете го да се бори на пазарот според негово наоѓање. Ако го бива, ќе опстане; ако не го бива, ќе пропадне. Негови пари, негова одлука. Ако таксистот чувствува потреба поквалитетно да ги опслужува не-македонските патници, нека плати обука и нека научи основен или напреден англиски. Ако келнерите имаат потреба од напредни комуникациски техники, тогаш газдите на кафеаните нека ги пратат на Психологија 101 и нека им платат за обуката. Владата и закодонодавачот треба да му овозможат на приватниот бизнис едноставна, недвосмислена и ефикасна регулатива и да го остават на мир. На крајот на фискалниот период, нека ги соберат даноците и толку.
Не се обраќам на сегашнава, ниту на минатата, ниту на идната влада. Длабоко верувам дека нема добра влада, туку помалку лоша или повеќе лоша. Владите, по правило, се најлоши менаџери и тука не треба да се очекува некаква здрава иницијатива во врска со приватниот бизнис да доаѓа од таму. Ова не е поврзано со составот на владата, туку со самата функционална поставеност на извршната власт. Кој и да влезе во некоја влада, сакал-нејќел мора да ги прифати овие востановени правила на игра. Владите се нужно зло.
Затоа се обраќам на приватниот бизнис, особено на Коморите кои треба да го штитат нивниот интерес. Значи, мисијата на Коморите треба да биде дефлација на законите кои го регулираат приватниот бизнис. Коморите треба да одат по ред во сегашната листа на релеванти закони од оваа област и да го анализираат секој закон и секој член во него. Наодот да го испратат до Владата во вид на иницијатива. Владата, од своја страна, треба дополнително да ги анализира тие закони и да предложи на Законодавачот редукција. Законодавачот, од своја страна, треба да ги анализира предлозите и да врати назад на Владата упростени предлог-закони. Овој процес треба да се случи онолку пати (итерации) колку што е потребно да се дојде до наједноставниот, а со тоа и најефикасниот закон.
Односот меѓу бројот на закони и бројот на прекршоци е обратно-пропорционален: помалку закони значи многу повеќе труд вложен во нивната изработка; повеќе труд секогаш значи и повеќе успех во спроведување на тие закони, а со тоа и помалку прекршувања.
Македонија може и треба да биде лидер во ефикасно законодавство. А малку треба за ова – само цврсто поврзување меѓу Коморите, Владата и Законодавачот. Сите да работат со една единствена идеја на ум: успех на приватниот бизнис. Само тој, приватниот бизнис, е мостот меѓу нас и развиениот свет.