Американските компании во Европа очекуваат влошување на бизнисот

Девет од 10 американски компании кои работат во Европа очекуваат трансатлантските економски односи да се влошат во наредните години, а главната причина се очекуваните политики на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, како што е воведувањето царини, покажува истражувањето објавено во понеделникот.

Американската стопанска комора при Европската унија (AmCham EU), која има повеќе од 160 членки, вклучително и Apple, Goldman Sachs, Meta и Visa, рече дека нејзиното истражување покажало дека две третини од испитаниците очекуваат политиките на САД негативно да влијаат на нивниот бизнис во ЕУ во наредните години, пренесува Ројтерс.

Околу 52 отсто од анкетираните компании очекуваат негативно влијание и од европските политики. Истражувањето, спроведено меѓу 58 членки контролирани од САД, помеѓу 6 и 14 јануари, покажа дека 84 отсто од фирмите ги сметаат тарифите и трговската политика како главен приоритет за трансатлантската соработка, проследено со еластичноста на синџирот на снабдување и енергетската транзиција.

Огромното мнозинство компании изјавија дека Европа е клучна за нивниот бизнис и повикаа на посилна соработка меѓу ЕУ и САД за да се намалат регулативите, да се отстранат трговските бариери и да се зголеми усогласеноста со регулативата.

Три четвртини од анкетираните компании рекоа дека „многу“ или „екстремно“ го поддржуваат Парискиот договор за климата, од кој се очекува Трамп да ги повлече САД. Само два отсто од компаниите не изразиле поддршка за овој договор.