Американските тарифи и слабата побарувачка во Кина го намалија профитот на Ауди

Германскиот производител на автомобили Ауди, дел од групацијата Фолксваген, оствари нето добивка од 1,3 милијарди евра во првата половина од годината, што е за 37,5 проценти помалку во однос на истиот период минатата година.
Приходите од продажба изнесуваа 32,6 милијарди евра, што е за добри пет проценти повеќе во однос на пред една година, објави компанијата.

Компанијата ги наведе новите американски тарифи, трошоците за реструктуирање и послабите операции во Кина како причини за падот на профитот, објавува германската новинска агенција ДПА.

„Ситуацијата останува многу предизвикувачка. Покрај жестоката конкуренција, финансискиот резултат беше под влијание на драстично повисоките американски тарифи и трошоците за реструктуирање. На некои пазари, неизвесноста околу програмите за стимулации за електрични возила на батерии ја намали побарувачката на потрошувачите. Во исто време, ја спроведуваме најголемата трансформација во историјата на компанијата“, напиша извршниот директор Јирген Ритерсбергер во порака објавена на веб-страницата на компанијата.

Групацијата Ауди, која покрај Ауди ги вклучува и брендовите Бентли, Ламборџини и Дукати, испорача околу 794.000 возила во првите шест месеци од годината, што е пад од околу шест проценти во споредба со истиот период минатата година. Испораките на целосно електрични возила на Ауди се зголемија за 32 проценти на повеќе од 101.000.

Ауди ја намали својата годишна прогноза за продажба за 2,5 милијарди евра, на 65 до 70 милијарди евра. Сепак, прогнозата не го зема предвид царинскиот договор меѓу ЕУ и САД, кој предвидува царина од 15 проценти за речиси целиот извоз на ЕУ во САД, вклучувајќи автомобили и автоделови.