Тарифите што САД најверојатно ќе ги наметнат на Европската унија (ЕУ) би можеле да го загрозат очекуваниот раст во Европа оваа година, проценуваат клучните аналитичари од Волстрит.
Економистите на Goldman Sachs и JPMorgan заклучија во одделни анализи оваа недела дека царините во комбинација со можна одмазда на ЕУ може значително да ги влошат изгледите за економијата на еврозоната во 2025 година.
Голдман Сакс забележува раст во еврозоната оваа година од 0,7 отсто. Европската централна банка, според последните прогнози, очекува стапка нешто над еден процент.
ЕУ не беше вклучена во првиот круг на тарифи воведени по пристигнувањето на Доналд Трамп во Белата куќа, но тој јасно стави до знаење дека работите нема да останат непроменети со оглед на големиот трговски суфицит на ЕУ со САД.
Прашање е колкава штета на крајот може да предизвикаат царинските давачки.
Главниот европски економист на Голдман Сакс, Свен Јари Штен, смета дека царината од 10 отсто на целиот увоз од ЕУ, со соодветна одмаздничка мерка од Брисел, може да избрише еден процентен поен од растот на бруто домашниот производ (БДП) на еврозоната.
Но, надвор од БДП, корпоративната заработка во ЕУ може да биде под притисок. Голдман Сакс предвидува дека растот на заработката по акција ќе биде само три проценти во Европа, во споредба со претходните предвидувања од околу осум проценти.
„Не се работи само за царини, туку општата трговска несигурност го погодува растот и расположението на инвеститорите“, ја пренесува Euronews оценката на Goldman Sachs.
На ЕУ отпаѓаат околу 15 отсто од вкупниот американски увоз. Клучните ставки за увоз вклучуваат машини, фармацевтски производи и хемиски производи. Други важни сектори се автомобилската индустрија, металната индустрија и технологијата.
Голдман Сакс наведува дека нема сите сектори подеднакво да ги чувствуваат проблемите, што значи дека производителите на автомобили се многу поизложени од фармацевтскиот сектор.
Послабото евро во однос на доларот може донекаде да ги ублажи ефектите врз европските компании, особено глобалните кои имаат приходи во различни делови на светот. Голдман Сакс очекува дека курсот на еврото во однос на доларот би можел да се лизне на 0,97 во следните 12 месеци од сегашните 1,04 долари за евро.
Сепак, работите не се толку едноставни за европските компании бидејќи послабото евро оди рака под рака со зголемување на премијата за ризик, што потоа ја намалува конкурентската предност на послабата валута, сметаат аналитичарите.
Неизвесен е и опсегот на одговорот на ЕУ на веројатните американски царини.
Или, како што вели аналитичарот на JPMorgan, Нора Сентивањи, „мотивацијата, целите, времето и стапката“ се целосно непознати.
Ако ЕУ ја повтори својата стратегија за насочена одмазда од 2018 година, тарифите за енергетските производи најверојатно ќе бидат избегнати, но тарифите би можеле да бидат наметнати на производи кои најмногу влијаат на изборната база на Трамп.