Аналитичари: Новите даноци за онлајн нарачки нема да го наполнат буџетот, туку ќе го испразнат џебот на најсиромашните

Продолжија реакциите во јавноста по предлог на Владата за оданочување на производите од странство. Ова најмногу се однесува на онлајн платформите за нарачување, како што се Тему и Шеин, а новите правила ќе значат дека секоја таква пратка ќе мора да мине царинска постапка и да се пресмета ДДВ. Ова ќе ја зголеми крајната цена и можно е да го намали интересот за вакви нарачки.

Економскиот аналитичар Арбен Халили за „Локално“ појаснува дека мерката која се предлага од Владата за оданочување на пратките до 22 евра што граѓаните ги нарачуваат од странство, не е случајна.

Целта е, како што посочува, да се покаже пред изборите дека се заштитува домашното производство и домашната економија.

-Сметам дека оваа мерка сега што се предлага од страна на Владата не е случајна, дури сметам дека е намерна. Да се покаже предизборно дека се прави нешто да се заштити домашното производство и домашната економија, вели Халили.

Од друга страна, како што додава, ова нема многу да влијае на домашниот буџет.

Тој е на ставот дека повеќе станува збор за популистичка мерка.

-Сепак, од друга страна не е нешто што многу ќе влијае во домашниот буџет па да се оданачат, кога знаеме дека најголем дел од овие онлајн производи се нарачуваат од граѓани од пониското ниво на општеството. Сметам дека ова е повеќе популистичка мерка, отколку дека како таква, ќе придонесе да се полни домашниот буџет, додаде Халили.

Во однос на негативните реакции кои излегоа во јавноста од страна на граѓаните, Халили потенцира дека истите се многу издржани.

-Реакциите на сите граѓани кои се корисници на овие услуги се издржани. Стоката која што се набавува онлајн од страна на граѓаните не е нешто што се произведува на големо кај нас. За жал или за среќа, поголем дел се увезени стоки. Ова не прави никаква штета врз домашното стопанство, посочи Халили.

Тој потенцира дека не е соодветно образложението, дека со оваа мерка се заштитува домашното производство, затоа што производите кои се порачуваат од Тему и слични такви платформи, не се произведуваат и кај нас.

Халили вели дека е очекувана реакцијата од страна на граѓаните, знаејќи дека над 90 проценти од корисниците на овие услуги се од понискиот слој на општеството, кои бараат евтини производи.

-Државата удира со дополнителни давачки, односно со даноци кои што овие граѓани сметаат дека не можат да ги платат, како што плаќаат даноци од домашното производство. Ова е директен удар врз џебот на граѓаните, додаде тој.

Халили смета дека оваа мерка воопшто не е поврзана со отворање на нови работни места, а најмалку поврзаност има со можноста за отворање на нови компании кај нас, кои би произведувале вакви производи.

-Отворање на нови работни места е многу грда реченица која се користи секогаш кога се имплементираат нови мерки. Апсолутно оваа мерка нема врска со отворање на нови работни места, рече Халили.

Тој вели дека не само што нема да се отвораат нови работни места, туку напротив, најверојатно ќе има отпуштање на доставувачите, кои ја доставуваат робата до клиентите.

Целиот текст на Локално.мк