Андонов: Доколку цените се движат над 100 долари за барел нафта неколку месеци, дефинитивно светот ќе се движи повторно кон рецесија

Сериозна ставка во формирањето на крајната цена на нафтените деривати е акцизата како и данокот на додадена вредност, така да Владата во секој момент во зависност од сериознота на состојбата и цената на нафтата на светските берзи може да донесе и одлука за привремено намалување на дел од акцизата и данокот на додадена вредност со цел да се спречи зголемување на инфлацијата, вели во интервју за „Локално“, енергетскиот консултант и поранешен советник за енергетика на претседателот на Владата, Виктор Андонов за тоа како Македонија треба да се однесува во ситуација кога новиот конфликт на Блискиот Исток влијае на светскиот пазар на нафта и порастот на цените на горивата.

Според Андонов, клучен елемент е и одржувањето на добрососедски односи, бидејќи, вели, мораме да бидеме свесни дека рутите на снабдување на Македонија со нафтени деривати и природен гас се преку Грција и Бугарија, а сведоци сме дека во минатото, сите земји за да ги намалат негативните ефекти од нарушувањето на снабдувањето со енергија, донесуваат одлуки за забрана за извоз на енергија и енергенти.

Експертите веќе пресметаа дека оваа трговија, која се одвива по морските патишта годишно изнесува околу 600 милијарди долари во трговија со енергенти, така да со сигурност можеме да заклучиме дека глобалната економија би била во големи проблеми, меѓутоа како што кажав очекувам големите сили да најдат решение за овој моментален предизвик, вели консултантот околу стравувањата дека Иран може да го нападне бродскиот сообраќај во Ормутскиот теснец, низ кој минуваат речиси 20 милиони барели нафта секој ден.

Соговорникот е дециден дека европската економија сè уште е кревка и недоволно закрепната од војната во Украина, така да овој конфликт помеѓу Израел и Иран дополнително ќе ја влоши таа кревка економија и не само поврзано со цената на нафтата туку поврзано и со цената на природниот гас кој се користи во индустриските процеси во Германија како една од водечките сили во Европа.

Целото интервју на Локално.мк