
Дигиталната трансформација, интероперабилноста, сајбер безбедноста, улогата на вештачката интелигенција, како и вклучувањето на бизнис секторот и академската заедница – се само дел од темите што денеска се отворија на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, кој се одржува во Скопје.
На отворањето на Самитот, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потенцираше дека овој собир претставува уникатна можност за зајакнување на врските меѓу државите и институциите во регионот.
“Се надевам дека овој настан ќе биде платформа за поврзување на сите овие држави, не само можност за дискусија, туку заедно сите да постигнеме успех. Во таа насока поттикнати од Регионалниот совет за соработка (РСС) работевме на заедничка декларација која ќе повика кон ЕУ и сите наши соседи да ја овозможиме иницијатива роаминг како дома, да ги намалиме трошоците за дата, трошоците за телефонски разговори и СМС пораки на граѓаните од регионот на Западен Балкан кон цела Европа, исто онака како што успеа ова иницијатива да го направи тука на Балканот, истото тоа да го рашириме и во цела Европа“, рече Андоновски.
Министерот истакна дека се надева оти тоа ќе биде успешно прво како заедничка декларација, а потоа и заеднички сите држави од регионот да ги исполнат условите, кои се поставени од Европската комисија.