Антибиотик на Алкалоид во Германија, Франција и Австрија

294

antibiotikОд фармацевтската компанија Алкалоид денес соопштија дека по тригодишна процедура на анализи, процени и проверки од страна на експертски тимови е одобрен пласман на антибиотик од компанијата, на пазарите на водечките европски економии.

Се работи за антибиотикот цефадроксил, цефалоспорински антибиотик кој во Македонија е познат под името Алицеф, индициран за третирање на респираторни инфекции, инфекции на кожата и меките ткива и уринарни инфекции.

На пазарите во Германија, Франција и Австрија цефадроксилот ќе биде достапен од септември годинава.

Целокупниот проект, од развој на лекот до комплетирање на процедурата за авторизирање на истиот траеше околу 5 години, почнувајќи од анализа на пазарите, внимателен мониторинг на националните законодавни специфики на овие земји, усогласување на производот со најновите европски регулативи за фармацевтски производи како и соодветна анализа при Агенциите за лекови, се наведува во соопштението.

Квалитетот, безбедноста и ефикасноста на антибиотик беа анализирани од над 40 експерти од сите Агенции за лекови на земјите вклучени во процедурата при што конечната позитивна одлука беше донесена на база на консензус на сите држави.

Преку 60% од своето производство, Алкалоид го пласира во над 30 земји во светот преку своите 16 канцеларии надвор од Македонија.

Први на листата на приоритети покрај земјите во регионот на Југоисточна Европа, се и земјите-членки на Европската унија каде Алкалоид има над 200 маркетиншки авторизации (дозволи за пласман на лекови) издадени од соодветни институции, од кои повеќе од половина се спроведени според најстрого регулираните процедури на Европската Унија (Процедура за меѓусебно признавање и Децентрализирана процедура).