Во новата верзија на оперативниот систем на Apple, iOS, ќе биде вградена алатка за идентификување на домашни миленици, кучиња и мачиња.
iPhone телефоните само преку дел од миленикот, нос, шепа и слично, ќе можат да “кажат“ дали станува збор за куче или маче на фотографијата, пишува CNBC.
Софтверот, наречен VNAnimalDetector, исцртува дигитален правоаголник околу секој дел на фотографијата на којашто е прикажано животното и го “именува“ како маче или куче.
Ова е уште една инвестиција на Apple во компјутерската визија, дел од компјутерската наука што се фокусира на тоа камерите и останатите сензори “да го видат” и разберат реалниот свет.
Новата алатка на компанијата е дел од проектот Vision framework, којшто е наменет за развивачите на софтвер, односно им го олеснува вградувањето на истиот во апликации.
Не е прв пат да се изработи детектор за животни, но од Apple потенцираат дека VNAnimalDetector е многу полесен да се вгради во апликации.
Други предности на Vision framework се можноста за препознавање на сличност кај фотографии, дополнителни способности за детекција на лице, и можност да препознаат различни предмети на фотографија.
Фото: Pexels