Ascot Group, компанија регистрирана во Македонија ќе врши експертиза во Замбија

38

Компанија регистрирана во Македонија ќе врши надзор и управување со финализирањето на дизајнот и инсталација на постројка за преработка на олово и цинк во Замбија, од страна на Berkeley Mineral Resources Plc .

Угледниот весник Financial Times пред два дена ја објави оваа нформацијата, а истата беше објавена и на Лондонската берза.

Името на компанијата е Ascot Group а нејзин главен извршен директор е Реј Пауер, кој живее во Македонија со години. Пауер е познат како повеќегодишен прв човек на Британската бизнис група во Македонија, и како главен извршен директор на македонската софтверска компанија iDevelop.

“Оваа одлука ја илустрира промената во пазарната перцепција за тоа што значи фирмата да има седиште во Македонија. Сега е јасно дека престојот во Македонија има бројни предности, преку реформите што таа ги спроведе во деловната клима и даночниот режим, како и дека репутацијата на земјата е видливо подобрена. Експертизата на Ascotможе од Македонија соодветно да се понуди каде и да е во светот”, изјавува Пауер.

Всушност станува збор за преработка неколку милиони тони олово-цинкова јаловина во Кабве, Замбија за големо еколошко чистење и за обработка на идни рудни ресурси.

На Балканот има неколку вакви еколошки жаришта, предизвикани од  старовремското рударство на Балканот. Според официјалното соопштение на Ascot Group, компанијата се надева дека ќе ги донесе своите меѓународни експерти и технологии и во регионот, и ќе ја прошири својата испорака на операции за еколошко чистење.