АСОМ до Владата: На мала врата сакате да протнете штетен закон со кој се враќа дивото обложување

82

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) денеска прати отворено писмо до Владата во кое пишува дека најмалку очекувале во „ек“ на економска криза таа да им го сврти грбот на 10.000 вработени во индустријата на игрите на среќа и од нив да направи социјални случаи.

„Запрепастувачки за нас како Асоцијација е дека после толку долго време од нашите обиди и повици да се организира „јавна расправа“ за измените на Законот за игри на среќа, вие како Влада се оглушивте. Сега, на мала врата и по скратена постапка, сакате штетното законско решение да помине во Собрание, преку злоупотреба на европското знаменце“, пишува АСОМ во писмото до Владата.

Во писмото АСОМ исто така прашува зошто измените и дополнувањата во Законот за игри на среќа и забавни игри треба да се донесат по скратена постапка со ЕУ знаменце и без да поминат јавна расправа и без да се слушнат засегнатите страни, пошироката и стручна јавност, која може и треба да даде свој коментар или нов пакет предлози.

Со одлуката на Влада АСОМ се игнорира како официјална организација во која членуваат над 90% од приредувачите на игри на среќа. Што за Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија отвора ново прашање: Дали и кој стои зад овие измени и чив интерес се штити?

По однос на грижите на граѓаните од негативните последици АСОМ во отвореното писмо потсетува дека Владата ниту еднаш не ги зела во предвид низата решенија и законски измени кои биле доставувани до ЕНЕР системот, но и до Владата.

„ Треба да биде јасно, дека нашата индустрија „НЕМА ИНТЕРЕС“ од играње ниту на малолетници, ниту има интерес од креирање зависности. Напротив, индустријата на игри на среќа има интерес игрите да се играат за забава и тоа силно го промовира. Годишно трошиме десетици илјади евра како компании за спроведување кампањи за заштита од негативни последици и едукација на играчите. Ние сме општествено одговорни компании, кои 100% ги почитуваат актуелните законски норми и правила поврзани со нашата дејност, плаќаме даноци и со тоа постојано ги зголемуваме буџетските приливи. Ние сме индустрија која е одлично регулирана во моментов, а нашите членки се компании кои работат согласно законите без никакви отстапки. Ако вие како Влада сакате на било кој начин да помогнете или придонесете, треба да бидете партнер во овие напори“, порача АСОМ во писмото до Влада.

 

Според АСОМ затворањето на индустријата во државата значи враќање во деведесеттите и играње по подруми и нелегални објекти. Единствениот начин да се влијае позитивно е преку едукација и добра регулација.

„АСОМ е против и до крај ќе се бори против нелогични и погрешни законски измени. Вашиот предлог како Влада не постои во ниедна европска земја, гарантирано ќе отвори пат до диво обложување и нема да го намали играњето или пак негативните последици од него“, пишува АСОМ.

Во писмото до Владата АСОМ потсетува дека измените на Законот се направени без анализи, а одлуката за утврдување на измените и дополнувањата на овој закон и владините државнички одлуки се контрадикторни.

„Нелогично е Владата со новиот Закон да дозволи затворање на 98% од објектите, и во исто време да очекува поголем број вработувања или поголеми приходи од зголемените давачки. Дислокација на објектите, значи нивно затворање, односно околу 250 милиони евра годишно помалку пари во буџетот. Одговорно тврдиме, а вие како Влада проверете со Министерството за финансии и другите институции, дека овој закон ќе значи директно губење на 10.000 работни места, а индиректно со намалени или целосно изгубени приходи ќе бидат 54.000 работници“, пишува АСОМ во писмото до Влада.

Актуелниот закон според АСОМ ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции. Согласно тоа, покрај законските регулативи и забрани за влез на малолетни лица во објектите, членките на Асоцијацијата спроведуваат и дополнителни контроли во објектите со цел да не дојде до било какво нарушување на законите. Тоа дополнително потврдува дека АСОМ како индустрија застапува светски реномирани брендови и висока професионалност во областа која ја работи.

АСОМ исто така одбива да верува дека поради политичко популистички цели, дејноста свесно сака да се претстави како незаконска или нелегална. Според АСОМ, Владата со измените во Законот на широка врата дава „пас“ за нелегални диви обложувалници.

„Ако вие како Влада навистина сакате добар закон, сè уште има можност да го сторите тоа, во Собрание преку поднесување амандмани. Нашата држава, како земја аспирант за членство во Европската Унија, треба ги искористи позитивните практики на европското законодавство.  Повторно ќе ја потсетиме Владата дека во веќе постоечкиот Закон за игри на среќа, направен на база на европските закони. За крај, веруваме во добрите намери и даваме уште една шанса да седнеме на маса и заеднички да донесеме подобар закон. Ве повикуваме да отворите дебата, да повикате експерти и да направиме анализа за тоа какви измени би ги постигнале целите, кои верувајте дека се заеднички. Но, овој закон, во оваа форма, тоа не го постигнува и ние ќе ги преземеме сите правни механизми и законски можности да го спречиме неговото носење“, завршува АСОМ во писмото до Влада.