
Американските авиокомпании минатата година остварија приходи од 7,27 милијарди долари од надоместоци за багаж.
„Ер Канада“ и „Саутвест“ се некои од авиокомпаниите кои воведоа надомест за чекиран багаж, т.е. багаж што се предава на аеродромот пред летот.
Порано беше вообичаено само да го предадете багажот, да изберете седиште и да добиете оброк за време на летот. Џеј Соренсен од американската консултантска куќа за авијација „ИдеаВоркс“ забележа дека сето ова се променило со растот на нискобуџетните авиокомпании.
Една таква компанија, британската FlyBe, беше првата во светот што наплати чекиран багаж во 2006 година, две фунти по парче резервиран багаж и четири фунти по парче нерезервиран багаж.
Други нискобуџетни авиокомпании, како и националните и веќе воспоставените авиокомпании, брзо почнаа да го следат примерот, барем на пократките летови. Така, во 2008 година, American Airlines стана првата американска авиокомпанија што наплати 15 долари за првото парче багаж на летови во рамките на Соединетите Американски Држави.
Соренсен верува дека традиционалните авиокомпании сметале дека немаат избор, кога станале свесни дека нискобуџетните компании се нивна значајна конкуренција. Тие сметале, како што додава тој, дека мора да се соочат со тоа и да преземат нешто.
Според официјалните податоци, само американските авиокомпании минатата година оствариле приходи од 7,27 милијарди долари од надоместоци за багаж. Тие приходи изнесувале 7 милијарди долари во 2023 година и 5,76 милијарди долари во 2019 година.