Австралија планира данок од 15% за мултинационалните компании

13

Австралија ги откри плановите да воведе данок од најмалку 15 отсто на добивката на мултинационалните компании.
Како што изјави австралиската влада при објавувањето на новото оданочување, компаниите во оваа земја богати со природни ресурси праведно ќе придонесуваат во државната каса. Владата се надева дека новите правила ќе стапат на сила до јули.

– Мултинационалните компании кои остваруваат големи профити во Австралија треба да плаќаат данок и во Австралија – изјави министерот за финансии Џим Чалмерс објавувајќи ги новите правила, пренесува француската новинска агенција АФП.

Оданочувањето би можело значително да влијае на работењето на особено најголемите рударски и енергетски компании, а предлогот многу брзо ќе наиде на отпор од големите индустриски лоби.

Австралија е еден од најголемите извозници на нафта и јаглен и најголем извозник на железна руда во светот. Има и богати резерви на никел, ураниум и некои други ретки минерали. И покрај релативно високата номинална корпоративна даночна стапка од 30 отсто, поборниците на новото оданочување тврдат дека компаниите всушност плаќаат многу помалку, а во некои случаи речиси и да не плаќаат данок.

Новиот данок е дел од глобалниот напор да се спречи мултинационалните фирми да ги искористат предностите на поповолните даночни јурисдикции или да плаќаат даноци каде што генерираат приход. За таа цел, во 2021 година, речиси 140 членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) усвоија договор за реформа на меѓународните правила за корпоративно оданочување.

Новите правила, кои воведуваат минимална ефективна даночна стапка од 15 отсто за мултинационалните компании, се во сила во ЕУ од почетокот на оваа година, објави SEEbiz.