Бајрами: НБ е професионална институција, зад сите одлуки стои цел тим

45

Најновите податоци, како и анализите на Комитетот за финансиска стабилност го потврдуваат заклучокот дека финансискиот систем го издржа и соодветно му одговори на ударот предизвикан од кризата во 2020 година и дека тој има капацитет за справување со натамошни предизвици, а воедно претставува и движечка сила за заздравување на економијата, што ќе следува по периодот на неизвесноста предизвикана од пандемијата, вели во интервју за МИА вицегувернерот на Народната банка, Фадил Бајрами.

“Во тој контекст, особено е важно што банкарскиот систем, којшто претставува клучен и најважен дел од финансискиот систем, ја потврди отпорноста на шокови. За ова придонесоа и регулаторните барања и реформите коишто беа спроведени во оваа област во изминатите години. Затоа сосема реално е да се очекува дека токму банкарскиот систем, задржувајќи ја солидната стапка на кредитен раст од околу 6 отсто на годишно ниво, ќе биде оној што ќе ја обезбеди клучната поддршка за економијата за нејзино враќање на патеката на економски раст, одговарајќи им соодветно, како и досега, на потребите на граѓаните и на деловните субјекти. Исто така, сосема реално е да очекуваме дека паралелно со растот на кредитната активност, и во наредниот период ќе растат и заштедите на граѓаните и компаниите во домашните банки“, истакна Бајрами.

Bели дека за банкарскиот систем секогаш треба да се користат релевантни извори на информации. “Би посочил на конкретни показатели – стапка на солвентност од околу 17 %, ликвидна актива којашто учествува со околу 30 % во вкупната актива, ниско учество на нефункционалните кредити во вкупните кредити од 3,4 % и солидна профитабилност. Ваквите показатели се објективната слика за банкарскиот систем“.

Народната банка е професионална институција со институционален капацитет којшто се градел и се гради во континуитет, што е предуслов за успешно извршување на законските цели и задачи..

“Зад сите одлуки на Народната банка стои тим со повеќегодишно искуство и експертиза. Ова е потврдено и преку оценките на релевантни меѓународни институции. Сметам дека сите ние како граѓани мора да бидеме општествено одговорни кон сето она што е од клучно значење за сите нас и за земјата во целина, како што е стабилноста на банкарскиот систем и притоа да ги засноваме своите видувања врз објективни и проверени информации. Оттаму, во повеќе наврати во изминатиов период ги демантиравме и сите невистини коишто за жал се изнесуваат за банкарскиот систем, за Народната банка и за нејзиното раководство“, вели Бајрами.

Во однос на затворањето на Еуростандард банка, вели дека сите мерки што се изречени, а коишто произлегуваат од супервизорските контроли што се спроведувани во периодот од 2013 до 2020 година, биле насочени кон тоа да ѝ овозможат на Банката да работи подобро и да ја задржи својата стабилност, што во крајна линија е во интерес на сите – на нејзините клиенти, штедачи, вработени, акционери, деловни партнери и на останатите субјекти во банкарскиот и финансискиот систем на земјата.

“Но, кога се исцрпени сите други опции, како што беше и во случајот со споменатата банка, тогаш Народната банка нема друг избор, освен да донесе и вакви одлуки. Јасно е дека ова се непопуларни и најмалку посакуваните одлуки, но има ситуации кога тие се неизбежни и се наша законска обврска, затоа што со нив во суштина се спречуваат поголеми штети. Впрочем, во текот на минатата година дојде до затворање на повеќе деловни банки и во земјите од Европската Унија, но таму никој не се сети да ја побара одговорноста за тоа кај регулаторот, односно кај централната банка, истакна Вицегувернерот.

Повтори дека во конкретниот случај на Еуростандард, оценките на реномирани меѓународни финансиски институции, како што е Меѓународниот монетарен фонд, јасно посочиле дека Народната банка постапи професионално и соодветно.

“Истовремено, ММФ и експертите се децидни дека Народната банка не може да биде одговорна за одлуките и ризиците што ги презеле сопствениците и раководните луѓе на деловната банка, како и за евентуални други незаконски дејствија за чие откривање и санкционирање централната банка нема ниту соодветна експертиза, ниту законски надлежности, а коишто се во доменот на други институции. Впрочем, како што кажавме во повеќе наврати, Народната банка секогаш кога имаше сомнеж за нерегуларности во работењето коишто се во надлежност на други институции, ги известуваше за тоа надлежните државни органи, односно институции“, додава Бајрами.