Банката на Русија ја задржува основната каматна стапка на 21 отсто

Централната банка на Русија (ЦБ) денеска објави дека одлучила да ја задржи референтната каматна стапка на 21 отсто. Според проценките на регулаторот, сегашното заострување на монетарните услови ги создава неопходните предуслови инфлацијата следната година постепено да се врати на целната вредност од четири отсто.

Банката проценува дека просечната референтна каматна стапка до крајот на тековната година ќе биде во интервал од 19 до 22 отсто, пишува Комерсант. Годишната инфлација во Русија, проценета заклучно со 10 февруари, изнесуваше 10 отсто, па и натаму е значително повисока од посакуваните вредности, пренесува Танјуг.

Според прогнозата на Банката на Русија, инфлацијата ќе падне оваа година и ќе се движи меѓу седум и осум проценти, а во 2026 година ќе падне на четири проценти и потоа ќе остане на ова ниво.

Следниот состанок за монетарната политика на Банката на Русија ќе се одржи на 21 март, се наведува на веб-страницата на институцијата. Регулаторот на 26 февруари ќе објави резиме од дискусијата за референтната каматна стапка и коментар за среднорочната прогноза.