Белгијците заработуваат со возење велосипед до работа

Возењето велосипед до работа во Белгија не е добро само за здравјето, туку и за  паричникот. За секој километар што ќе го поминат на пат до фирмата каде што работат добиваат надомест од 0,28 евра. Некои од нив заработуваат и до 810 евра годишно. Беше објавено дека секој шести белгиски работник со велосипед отишол на работа минатата година и го добил овој бенефит.

Благодарение на оваа пресметка, граѓаните кои во 2024 година оделе на работа со велосипед заработувале просечно околу 460 евра нето годишно или 38 евра месечно, што е за 20 отсто повеќе од 2023 година.

Вкупниот надоместок што го заработуваат велосипедистите зависи од повеќе фактори, но пред сè од растојанието и висината на надоместокот што компанијата го доделува. Истражувањето покажа дека секој четврти работник (26 проценти) кој живее на пет километри од работа, возел велосипед до работа во изминатата година. Оние кои патуваат подалеку, во просек патуваат со велосипед најмалку два пати неделно и заработуваат речиси 300 евра годишно. Најмногу заработуваат оние кои живеат најдалеку од работа, до 30 километри, но во Белгија досега ги има малку – само 11 отсто.