„Беркшир Хатавеј“ држи рекордни 381 милијарда долари во готовина додека Ворен Бафет се подготвува за пензионирање

Инвестицискиот конгломерат „Беркшир Хатавеј“ објави рекордни 381,7 милијарди долари во готово и скромен раст на профитот во својот последен финансиски извештај пред легендарниот Ворен Бафет да се повлече од функцијата извршен директор по шест децении на чело.

Помеѓу јули и септември, конгломератот на Бафет продаде повеќе акции отколку што купи дванаесетти квартал по ред, намалувајќи ја изложеноста на пазарите и зголемувајќи ја готовината.

Вредноста на инвестициското портфолио на „Беркшир“, кое вклучува акции во „Епл“ и „Американ Експрес“, е 283,2 милијарди долари.

Петти квартал по ред, компанијата не ги откупи своите акции, иако нивната цена на берзата значително заостануваше зад поширокиот пазар.

95-годишниот Бафет дозволува готовината да расте додека се подготвува да го заврши својот шестдецениски мандат на чело на компанијата на крајот од годината. Него ќе го наследи потпретседателот Грег Абел (63), познат како многу пооперативен менаџер, додека Бафет ќе остане на позицијата претседател на Управниот одбор.

Абел би можел да го насочи Беркшир кон поактивно управување со своите огромни парични резерви – меѓу можните потези е и исплатата на првата дивиденда од 1967 година.

Компанијата веќе објави дека ќе употреби 9,7 милијарди долари во готово за да го купи хемискиот бизнис Оксичем од Оксидентал Петролеум, во договор објавен на почетокот на октомври.