
Претседателката најави дополнителни анализи по разговорите со кандидатите, а предлогот до Собранието ќе биде доставен во наредните денови.
Предлогот за гувернер на Народната банка денеска нема да биде доставен до Собранието. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како што информираат од нејзиниот Кабинет, вчера имала разговор со кандидатите за гувернер и ќе направи дополнителни анализи по што ќе го достави предлогот до законодавниот дом.
Од Кабинетот на претседателката во изјава за МИА нагласуваат дека тоа и го дозволува законот и дека тоа што предлогот ќе биде доставен за некој ден нема да влијае врз работата на институцијата затоа што до изборот на нов гувернер, функцијата ја врши актуелниот гувернер.
Меѓу кандидатите кои се споменуваат за оваа функција се актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, професорот Трајко Славески и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески.
И од Собранието утринава информираа дека досега не е пристигнат предлогот за гувернер.
Мандатот на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај.
Сиљановска Давкова се повикува на Законот за Народна банка во кој се предвидува доколку не биде избран навреме гувернер, актуелниот да ја извршува функцијата до изборот на нов.
Според членот 55 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Оваа одредба се однесува и на гувернерот на Народната банка, се вели во законскиот текст.
Оваа одредба лани беше внесена во Законот за Народна банка на предлог на Меѓународниот монетарен фонд за да се обезбеди континуитет во работењето на Централната банка во случај да не се избере нов гувернер.