
За да се намали загубата на водата за пиење која на национално ниво во просек изнесува близу 64 %, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ.
За тоа да се случи, неопходна е да се направат измени на сет на закони, за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената, не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието, за да отпочне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ Бислимоски.
Фото: Pixabay