Битиќи: Платите во рударскиот сектор се за 36,8% повисоки од просечните

16

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на покана на АД Електрани на Северна Македонија, денес присуствуваше и се обрати на настанот по повод „Денот на рударите”, кој се одржа во кругот на Рударско енергетскиот комбинат Битола. Освен вицепремиерот Битиќи, на настанот се обратија и генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски и директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски.

Вицепремиерот Битиќи го честиташе „Денот на рударите”, на сите рудари вработени во рударско енергетските комбинати Битола и Осломеј, како и во сите други рудници во земјата, при што порача дека заложбите на Владата се рударството како гранка да продолжи да се развива во согласност со најдобрите достапни техники и технологии, како и со меѓународните договори кои ги имаме потпишано за исполнување на светските стандарди за грижата за животната средина, условите за работа, но и животниот стандард на рударите во нашата земја.

„Би сакал да упатам благодарност за рударите во РЕК Битола, во име на сите граѓани на Северна Македонија, за посветеноста и трудот кој секојдневно го вложуваат за да се обезбеди стабилно и постојано снабдување со електрична енергија. Не бадијала луѓето кога работат многу, велат, работам како рудар. Сите сме свесни дека и покрај модернизацијата и технолошкиот развој на рудниците, работата на рударите е навистина тешка и предизвикувачка”, започна вицепремиерот.

Битиќи се осврна на актуелната состојба на рударството во Северна Македонија, при што зборуваше за платите на вработените во секторот, производството и извозот на компаниите кои работат во секторот.

„Радува фактот дека просечната нето плата исплатена во овој сектор е во растечки тренд. Според податоците од Државниот завод за статистика за просечната нето плата за периодот јануари-јуни 2021, во секторот рударство и вадење на камен изнесува 39.324 денари и бележи раст од 6,3% во однос на периодот јануари-јуни 2020 година, додека оваа плата е за 36,8% повисока во однос на просечната нето плата на државно ниво, која изнесува 28.744 денари. Рударите, но и сите други граѓани, заслужуваат и повеќе. Заслужуваат пристојна плата и пристојни услови за работа. Затоа ја користам оваа можност да апелирам до сите во рударскиот сектор да ги почитуваат своите вработени, затоа што вработените се клучната алка на секоја компанија. Би сакал да посочам дека секторот рударство и вадење на камен бележи и сериозен раст на извозот од 24,8% во првите шест месеци на 2021 година, во однос на истиот период лани, односно извезени се продукти во вредност од околу 100 милиони евра, што покажува дека и оваа гранка закрепнува од економските последици предизвикани од пандемијата со коронавирусот”, нагласи Битиќи.

Тој зборуваше и за идниот развој на рударството, при што подвлече дека Владата е сериозно посветена да ги постави на вистински колосек активностите кои се одвиваат во сите сектори, па така и во рударството, односно управувањето со минералните суровини.

„Во широки консултации со академската и стручната јавност, граѓанските организации и стопанството, неодамна Владата донесе предлог за измени и дополнувања на Законот за минерални суровини, кој е доставен до Собранието и со кој се овозможува одржлив развој на рударството, со особен фокус на заштита на животната средина и одржување на високо ниво на квалитетот на животот на граѓаните. Со последните законски измени се додаваат повеќе основи за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини од страна на државата, со што се заоструваат условите за работа на концесионерите, а со тоа покажуваме дека ги следиме најновите мерки за заштита на животната средина, но и како што претходно нагласив и најдобрите достапни техники и технологии”, објасни вицепремиерот.

Во периодот кој следува, се планираат огромни инвестиции во секторот енергетика, рече Битиќи, со што се очекува остварување на зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетика до 2040 година, односно транзицијата кон поеколошки извори на енергија.

„Вкупните инвестиции кои ги предвидуваме во секторот енергетика со Интервентниот план за инвестиции до 2027 година, предвидува инвестиции од 3,14 милијарди евра, во најголема мера за фотонапонски и ветерни електрани, гасни електрани, гасоводи и гасно поврзување, со што ќе обезбедиме долгорочно, одржливо и квалитетно снабдување со електрична енергија, но и диверзификација во снабдувањето со енергенси. Само во Битола, тука во РЕК, планираме да започнеме со две фотонапонски електрани со инсталирана моќност од по 10 мегавати за што се планирани инвестиции од околу 18 милиони евра, како и уште една фотонапонска електрана од 40 мегавати. Дополнително, преку јавно приватно партнерство, планираме изградба на уште две фотонапонски електрани од по 50 мегавати, а имаме и проекција за гасна електрана во РЕК Битола од 200 мегавати. Вредност на инвестицијата е 100 милиони евра, а ако започнеме навреме со овој проект, веднаш сакаме да надоградиме дополнителни 200 мегавати, како втора фаза во севкупниот план за затворањето на централни на јаглен во периодот 2028, 2029, 2030 година, согласно европските укажувања. На овој начин, рударско енергетскиот комбинат ќе го трансформираме во поеколошки извор и ќе ги задржиме вработените во претпријатието. Заокружување на целиот систем во овој регион ќе се постине со изградбата на топловодната мрежа за Битола, Новаци и Могила, проект со KFW Банката, вреден 35 милиони евра”, заврши вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во своето обраќање посочи дека во изминатиот период се реализирани многу проекти, започнати се и реализирани повеќе инвестициски проекти, воведени се промени во работниот процес, а подобрени се и условите за работа.

„Нашата цел како компанија е во иднина повеќе да вложуваме, и во нови производни капацитети, но и во постоечките. Вложуваме и ќе вложуваме во обновливи извори на енергија, што е согласно со државната енергетска стратегија, но вложуваме и во модернизација на другите капацитетите, особено во РЕК Битола, но и во РЕК Осломеј, од причини што без енергија од термоелектрани е невозможно да се одржи стабилен и сигурен енергетски систем. Од друга страна европските директиви во енергетиката се такви што мора да се обезбедат високи еколошки стандарди при производството од јаглен и ние мораме да ги почитуваме тие стандарди”, потенцира во своето обраќање директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

Генералниот директор на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски нагласи дека за команијата сите вработени се драгоцени, независно дали работат во рудниците, термоелектраните или во службите.

„Како што се менуваат околностите во работата на рударите, така се менуваат и околностите во кои постои и работи РЕК Битола. Новите трендови носат нови предизвици. Пред нас се наоѓа период на трансформација на електроенергетскиот систем на земјата кој од една страна мора да остане стабилен, а од друга страна мора да биде и праведен. Никој не треба да чувствува страв дека дека ќе остане без егзистенција”, посочи директорот на РЕК Ќурчиевски.

На настанот беа доделени и благодарници на вработени во РЕК Битола и РЕК Осломеј, кои покажале исклучителна посветеност, одговорност и квалитет. при извршувањето на работните задачи.