Бизнис бонтон: Правила на однесување во деловниот свет

860

Со лошите манири, деловните луѓе можат да остават лош впечаток на соработниците, колегите и партнерите, а со тоа можат да си го загрозат бизнисот. Токму затоа денес бонтонот е неопходен во деловниот свет. Не е одмет да се присетите на правилата за добро однесување. Како повеќе да обрнувате внимание на секојдневните детали, советува порталот JobsDB:

Точност

Во деловниот свет основно правило е да не се доцни. Ако имате договорено состанок, не си дозволувајте да тргнете подоцна или да не сметате на сообраќајниот метеж. Подобро да стигнете 10 минути порано отколку подоцна. Всушност, што би мислеле вие за партнерот кој не доаѓа на време на договорените состаноци?

Поздрав

Без разлика колку долго ги познавате колегите, “Добро утро” или “Добар ден” нема ништо да ве чини. Навистина, не морате секое утро да се ракувате со своите колеги, но не треба да заборавите на поздравот.

Ракување

Дали некогаш сте биле во ситуација да сте се ракувале со некој од деловниот свет и не сте биле сигурни дали ви пружиле рака или преварена шпагета? Секако дека не треба да му ја скршите раката на другиот, но барем понудете пристоен стисок, за оној другиот да не помисли дека не сте заинтересирани.

Изразување и тон

Во бизнис светот избегнувајте пцовки, непримерни шеги и озборување. Не дозволувајте јазикот да ви трча пред мозокот. Покрај тоа, додека сте на работа, не кревајте врева. Ако својата позиција морате да ја докажувате со викање по канцеларија наместо да ги решавате проблемите со разговор, можеби е време да се позанимавате со темите кои навистина ве загрижуваат и да расчистите самите со себе. Никој не е роден учен.

Облека

Во некои професии постојат точно определени работни облеки каде сите вработени се исто облечени. Лесно им е ним. Но, повеќето канцеларии имаат до некаде одреден начин на облекување, каде се очекува да се појавите со вратоврска или полежерно, каде може и со фармерки, но никако не во тренерки. Она што морате секогаш да го имате на ум е личната хигиена, должината на облеката и колку е провидна. Провидната кошула за состанок не е добитна комбинација.

Мобилен телефон

Ако веќе сте договориле состанок, не дозволувајте повиците да ви пречат. Да разговарате на телефон додека друга личност седи до вас и чека да се вратите на темата е многу непрофесионално.

Користење интернет

Денешната технологија овозможува многу лесен и брз начин на комуникација. Но, не заборавајте дека оној од другата страна на компјутерот е личност. Не пишувајте мејлови со големи букви и не носете пижами при деловен видео разговор.

Фото: Pexels