
Војната меѓу Израел и Иран ќе предизвика ценовен шок и во Македонија. Експертите предвидуваат дека тоа ќе се случи, бизнисот прави калкулации кои би биле евентуалните последици од конфликтот врз економијата, а првиот удар го почувствуваа граѓаните со растот на цените на бензините. И покрај тоа што зголемувањето на нафтените деривати беше мало, сепак ова е првиот знак дека новиот бран на инфлација ни тропа на врата. По нападите на Израел врз Иран, цената на светските берзи на нафтата Брент се зголеми за десетина долари.
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски деновиве најави дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија. Но се надева дека по овој раст цените ќе се стабилизираат, како што беше случај со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.
Од Владата велат дека и покрај тоа што цените на горивата се многу високи не можат да влијаат, бидејќи се работи за берзански производ. Но, будно ќе ја следат состојбата на светско ниво и доколку е потребно ќе преземат мерки.
Претседателот на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, Горан Ѓорѓиевски вели дека се уште е рано да се каже дали воениот конфликт меѓу Израел и Иран ќе предизвика ценовен шок, но секако дека ќе има влијание ако војната потрае.
-Можно е да има притисок на цените поради поскапувањето на нафтата и гасот. Немора да значи дека ќе има директно влијание врз зголемување на цените на храната и врз економијата. Да почекаме зашто војната е на почеток. Ние сме мала економија и сите глобални, светски потреси и случувања се рефлектираат кај нас. Но, доколку дојде до поголемо зголемување на нафтата и енергенсите можно е ново поскапување како на глобално ниво, така и кај нас, вели Ѓорѓиевски за „Локално“.
Економскиот аналитичар, Синиша Пекевски смета дека цената на нафтата ќе влијае на цените на производите онаму каде таа е главен енергенс во производството.
-Секако дека ќе влијае врз цените на производите каде нафтата влегува како енергенс. Но, компаниите дополнително ќе го искористат овој момент и ќе ги покачат цените без разлика дали користат нафта во производството и колкав удел има таа во цената на крајниот производ. За да не се случи нов ценовен шок државата и институциите треба да контролираат што се случува на глобално ниво и дома, вели Пекевски за „Локално“.
Целиот текст на Локално.мк