Благ пораст на инфлацијата во Германија

Во Германија, растот на цените малку се забрза овој месец по забавувањето во јуни. Годишната инфлација изнесуваше 2,3 отсто, додека во јуни беше 2,2 отсто, а во мај 2,4 отсто, објави  германскиот завод за статистика Дестатис.
Аналитичарите очекуваа инфлацијата да остане непроменета, пренесува француската новинска агенција АФП.

Цените на енергијата паднаа за 1,7 отсто на годишно ниво во јули, по падот од 2,1 отсто во јуни. Прехранбените производи пораснале за 1,3 отсто (1,1 отсто во јуни), а услугите пораснале за 3,9 отсто на годишно ниво, исто како и во јуни.

Без храна и енергија, инфлацијата достигна 2,9 отсто, исто како и во јуни.

Водечките германски институти за економски истражувања предвидуваат дека годишната стапка на инфлација оваа година во просек ќе биде 2,3 отсто, по минатогодишните 5,9 отсто.