Брендови на Филип Морис ќе се произведуваат во Прилеп

61

filip morisВодечките светски брендови на Филип Морис ќе се произведуваат во Прилеп, заедно со брендовите на Тутунскиот комбинат во овој град.

Стратешкото партнерство, што го потврди компанијата, ќе се реализира преку формирање ново друштво со ограничена одговорност во кое Филип Морис Интернешнл менаџмент ќе има учество од 51% во капиталот, а Тутунски комбинат Прилеп 49%.

„Во име на компанијата Филип Морис можам да потврдам дека за нас стратешкото партнерство со Тутунски комбинат од Прилеп претставува можност за унапредување на работата на компанијата во кластерот од Југоисточна Европа“, изјави Маја Шотра, претставник на Филип Морис.

Компанијата, како што рече таа, е уверена дека основањето на новото друштво ќе ги унапреди деловните можности во оваа земја и ќе го засили присуството на Филип Морис во регионот.

Премиерот Никола Груевски синоќа во Прилеп најави дека текстот на договорот е веќе усогласен и ќе биде потпишан по изборите, кога треба да биде формално одобрен од Собранието на акционери на прилепскиот Тутунски комбинат.

„Преговорите траеја неколку месеци, завршија и веднаш по изборите ќе се склучи договорот. Значи, најголемиот гигант во индустријата за производство на цигари влегува во Прилеп“, рече Груевски.