Брутални откази што се најдоа на насловните страници

24

otkaz

Фото: Pixabay

Глобалната криза остави многу луѓе без работа. “Летаа” откази за обичните работници, но имаше и такви што завршија на насловните страници во медиумите. Еве како некои од големите играчи добија откази за кои разбра целиот свет.

Абел Ленц (AOL)

Извршниот директор на AOL, Тим Армстронг, на 9 август отпушти еден од неговите менаџери преку конференциски повик пред околу 1.000 вработени. Иронично, повикот бил на тема за отказите што следувале во локалната мрежа Patch.com.

“Абел, спушти ја камерата. Отпуштен си. Надвор”, рекол Армстронг преку аудио чет, отпуштајќи го креативниот директор на Patch, Абел Ленц, затоа што извадил камера на состанокот. По непријатната тишина од неколку секунди, Армстронг го продолжил состанокот. Подоцна се осврнал на отпуштањето и изјавил дека компанијата ја гледа како спортска соблекувална и не сака никој да го открива планот за игра на неговиот тим, пишува BBC.

Викрам Пандит (Citigroup)

По позитивниот извештај за заработката, извршниот директор на Citigroup, Викрам Пандит, дошол на состанок во компанијата сосема неподготвен за трите изјави за медиуми што го чекале на масата. Првата била дека дава оставка која веднаш стапува на сила, втората дека ќе се повлече до крајот на годината и третата дека е отпуштен без објаснување. Тотално шокиран, Пандит ја избрал првата изјава. Иако заминувањето од компанијата беше проследено како негова одлука, New York Times неколку дена подоцна објави дека заминувањето на Пандит го “оркестрирал” новиот претседател на групацијата, Мајкл О’Нил.

Рик Вагонер (General Motors)

Рик Вагонер беше претседател и извршен директор на General Motors (GM) девет години пред да биде отпуштен во 2009 година и тоа на барање на американскиот претседател Барак Обама. GM изгуби преку 80 милијарди долари во последните четири години од мандатот на Вагонер. Меѓутоа, директната интервенција од Белата куќа беше изненадување. На состанокот во Вашингтон, еден од главните советници на Обама за автомобилскиот сектор, Стивен Ратнер, директно побарал од Вагонер да поднесе оставка која веднаш ќе стапи на сила. На местото на Вагонер беше поставен неговиот долгогодишен пријател и колега, Фритц Хендерсон.

Џаред Келер (Bloomberg)

Во потегот кој е окарактеризиран како “најголема имплозија на социјалните медиуми во 2013 година”, уредникот на секторот социјални медиуми во Bloomberg, Џаред Келер, отпуштен е откако уште еден отпуштен уредник од тој сектор, Метју Кис, јавно твитал стари приватни пораки што му ги праќал Келер. Кис бил убеден дека Келер е виновен за неговиот отказ. Откако му го врачиле отказот, Келер напишал на Твитер: “Денес ми е последен ден во Bloomberg. Тоа беше прекрасен период во прекрасна компанија”. По отказот, Келер се вработи како уредник во американската филијала на Al Jazeera.

Тереза Саливан (University of Virginia)

Персоналот, професорите и студентите на Универзитетот во Вирџинија останаа запрепастени кога во јуни 2012 година добија мејл дека претседателката Тереза Саливан заминува од функцијата поради “филозофски разлики во мислењата”, по две години беспрекорно извршување на работните задачи. Откако шокот прерасна во бес, се случи нешто необично – студентите и персоналот организираа јавни протести против нејзиното заминување. Подоцна истиот месец Саливан е вратена на работа. Неколку месеци потоа Саливан за New York Times изјави дека се уште не знае зошто била отпуштена.