Бугарија има најниски цени за тутун, алкохол, облека и угостителски услуги во ЕУ

Нивоата на потрошувачка на домаќинствата во земјите од Европската Унија значително се разликуваа во текот на 2024 година, според податоците на Евростат.

Разликите во цените не беа мали – најскапите земји имаа речиси двојно повисоки цени во споредба со оние во најевтините земји-членки.

Според објавените индекси на ценовно ниво, највисоки трошоци за финална потрошувачка на домаќинствата се забележани во Данска, каде што цените биле дури 43 проценти над просекот на Европската Унија. Веднаш зад Данска се Ирска со 138 проценти и Луксембург со 133 проценти во споредба со европскиот просек.

Од друга страна, најниски цени се забележани во Бугарија (60 проценти од просекот), Романија (64 проценти) и Полска (72 проценти). Овие податоци јасно укажуваат на големи разлики во трошоците за живот во рамките на ЕУ.

Најголеми разлики во цените се забележани кога станува збор за алкохолот и тутунот. Ирска е убедливо најскапата земја во таа категорија – цените биле дури 205 проценти повисоки од европскиот просек. Ова значи дека цените на алкохолот и тутунот во Ирска се три пати повисоки отколку во Бугарија, која е најевтина со 69 проценти од просекот на ЕУ.

Високи цени се забележани и во Финска (175 проценти) и Франција (137 проценти). Покрај Бугарија, Полска и Словачка исто така имаа најниски цени во оваа категорија, обете со просек од 83 проценти. Ваквите разлики се првенствено резултат на различните даночни политики – особено високите акцизи што одредени земји ги воведуваат за овие производи.

Рестораните и хотелите се следната категорија со големи разлики во цените. Најскапи се Данска (148 проценти од просекот на ЕУ), Ирска (129 проценти) и Финска (127 проценти). Најевтини се Бугарија (53 проценти), Романија (69 проценти) и Унгарија (72 проценти).

Кога станува збор за облека, Данска повторно се издвојува како најскапа со 133 проценти од просекот на ЕУ, додека Шведска и Финска се веднаш зад нив, обете со 120 проценти. Најниски цени за облека се забележани во Бугарија (79 проценти), Унгарија и Романија (обете по 85 проценти).

Разлики во цените се присутни и кај основните прехранбени производи и безалкохолните пијалоци. Цените на храната се највисоки во Луксембург – 125 проценти од просекот на ЕУ, додека најниски се во Романија – само 76 проценти.

Кога станува збор за лични возила (автомобили, мотоцикли), цените варираат од 89 проценти во Словачка до 120 проценти во Данска. Кога станува збор за потрошувачка електроника (како што се телевизори, компјутери, телефони), најевтина е Италија (89 проценти), а најскапа е Финска (115 проценти).

Овие податоци покажуваат дека трошоците за живот во рамките на Европската Унија сè уште значително варираат, во зависност од земјата. Иако постои заеднички пазар, разликите во даночните политики, економските услови и животниот стандард сè уште имаат големо влијание врз цените на производите и услугите што граѓаните на ЕУ ги користат секојдневно.

Фото Pixabay