
Судот на правдата на Европската Унија и досуди казна на Бугарија во висина од 1,59 милиони евра поради задоцнување од 885 дена во прилагодувањето кон Директивата на ЕУ за еколошки и енергетски ефикасни возила во патниот транспорт.
Пред Судот, властите во Софија тврдеа дека благовременото усогласување со Директивата 2019/1161 било “објективно невозможно”, заради политичката нестабилност предизвикана од неможноста да се формира стабилна Влада, како и заради пандемијата на Ковид, но судиите не ги прифатија овие аргументи.
Судот оцени дека образложението на Бугарија за “политичка нестабилност” е недозволиво, земајќи предвид дека според востановената судска пракса, земја членка на ЕУ “не може да се повикува на одредби, практики или ситуации во нејзиниот внатрешен правен поредок, за да го оправда неисполнувањето на обврските што произлегуваат од правото на Унијата”.
“Иако здравствената криза од размер на пандемијата со КОВИД-19 е надворешен непредвидлив настан за Бугарија, тоа не го менува фактот дека таа требаше да пристапи кон навремено известување на Комисијата за проблемите со кои се соочува, барем пред истекот на рокот утврден во образложеното мислење од 6 април 2022 година”, соопшти Судот со седиште во Луксембург.
Уште во септември 2021 година, Европската комисија официјално ја информираше Бугарија дека истекол рокот за усогласување со Директивата. Откако до 6 април 2022 година од Софија до Брисел не пристигна никаков одговор на известувањето, Еврокомисијата достави на Бугарија образложено мислење за случајот и даде рок од дополнителни два месеци за вклучување на одредбите од Директивата во националното законодавство.
По 12 месеци, ЕК утврди дека Бугарија не го исполнила барањето за целосно усогласување со Директивата и започна правна постапка против државата пред Европскиот суд на правдата.
Во меѓувреме, на 5 јануари 2024 година Бугарија ја заврши целата постапка за усогласување со Директивата, по што сега државата е казнета поради задоцнување во имплементацијата.