Булгартабак стана сопственик на Фабриката за тутун Бања Лука

65

fabrika-duvana-blБугарски Булгартабак вчера и официјално ја презеде Фабриката за тутун во Бања Лука. Собранието на акционери на Фабриката за тутун ја усвои одлуката мнозинскиот пакет акции да го презеде бугарската компанија и формиран е нов Управен одбор од три члена, јавува Срна.

Цветан Цветков од Булгартабак, по Собранието на акционери изјави дека оваа компанија има сериозни планови и дека нема да се произведуваат цигари само за БиХ, туку и за пазарите на земјите од ЦЕФТА. Според Цветков, производството би можело да започне до крајот на годинава, а тоа зависи од времето за извршување на потребниот ремонт.

Договорот за купопродажба на акции меѓу мнозинскиот акционер Антониќ трејд, кој до сега беше сопственик на фабриката и бугарската компанија е склучен во јуни, а во јули Бугарите купија 9% државни акции во фабриката, во согласност со меморандумот потпишан со владата на Република Српска.

Со меморандумот Булгартабак се обврза во следните пет години да ја задржи основната дејност, три години да го задржи постоечкиот број на вработени, да инвестира во модернизација на фабриката и да почне со производство на препознатливи брендови. Предвидено е и склучување на колективен договор со Синдикатот, како и приоритетен откуп на тутун од домашни одгледувачи.