Бундесбанк: Германското економско закрепнување ќе биде одложено

Слабоста на германската економија ќе потрае, а бруто домашниот производ во најдобар случај ќе стагнира во првиот квартал од оваа година, наведува Бундесбанк во новиот месечен извештај.
Домашната економија лани беше во рецесија од 0,3 отсто од бруто домашниот производ. Централната банка проценува дека БДП паднал со иста стапка и во последниот квартал.

„Генерално, германската економија во најдобар случај би можела да стагнира во првиот квартал од оваа година“, се вели во јануарскиот извештај објавен во петокот.

„Економијата беше послаба од очекуваното во декември, а оценката дека надворешната индустриска побарувачка падна на најниската точка не беше потврдена“, продолжува Бундесбанк.

Минатиот месец банката прогнозираше раст на БДП од 0,4 отсто за 2024 година, по рецесијата во 2023 година. Бундесбанката предвидува малку посилен раст за 2024 и 2025 година, со стапки од 1,2 и 1,3 отсто.