Бундесбанк: Германското стопанство зимава ќе влезе во рецесија

12

Германското стопанство ќе западне во рецесија во зимската половина од годината, по неочекуваното зголемување на активноста во летниот квартал, предупреди Централната банка.

Националната економија забележа раст од 0,3 отсто во периодот јули-септември во однос на претходните три месеци, благодарение на добрите перформанси на услужниот сектор по укинувањето на повеќето рестрикции за пандемија, забележа Бундесбанк.

Проценките се дека во зимската половина од годината активноста најверојатно ќе се намали, последица на зголемените трошоците за енергија и неизвесноста во снабдувањето што претставуваат големо оптоварување за компаниите.

Слабеењето на светската економија ќе се одрази и врз германскиот извоз, иако пополнетите нарачки и ублажените проблеми во синџирите на снабдување донекаде ја амортизираат намалената побарувачка.

Високата инфлација ја инхибира личната потрошувачка, а со тоа и активноста во услужните компании во директен контакт со граѓаните, предупредуваат банкарите.

„Инфлацијата би можела да остане двоцифрена и по преминот во новата година”, проценува Бундесбанк во синоќа објавениот месечен извештај.

Државната поддршка за граѓаните со високи сметки за гас ќе го олесни товарот во декември, но се уште не е јасно колку тоа ќе се одрази врз официјалната пресметка на цените, а со тоа и на стапката на инфлација, нагласуваат од Централната банка.

Во октомври инфлацијата се искачи на 10,4 отсто, што е првпат таа да биде двоцифрена од 50-тите години на минатиот век. Дополнителен стимул за инфлацијата може да биде спиралата што се случува откако растот на цените резултира со повисоки плати, а повисоките плати резултираат со посилен раст на цените.

Синдикатите и фирмите во последно време се договараат за зголемување на платите, забележуваат оттаму. Така синдикатот на работниците во јавниот сектор и вработените во сојузната администрација и локалната самоуправа бара зголемување на платите за 10,5 отсто во следните 12 месеци.

Иако барањата за толку големо зголемување на платите веројатно нема да бидат прифатени, ризикот од покренување на инфлаторната спирала е зголемен, заклучуваат од Бундесбанк.