Бундесбанк работеше со загуба од 19,2 милијарди евра

Германската централна банка ја затвори минатата година во минус, за прв пат од 1979 година, со исцрпени резерви за покривање на загубите предизвикани од јазот во приходите и расходите од камати.

Во извештајот објавен во вторникот, Бундесбанк наведува дека e во загуба од околу 19,2 милијарди евра во 2024 година и предупреди дека тоа би можело да се случи повторно оваа година, иако во помал обем, пренесе агенцијата ДПА.

„Врвот на кризата веројатно е завршен“, рече претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел на презентацијата на билансот на состојба во Франкфурт.

На презентацијата на извештајот за 2023 година пред 12 месеци, Нагел најави слаби години и предупреди дека Бундесбанката нема да придонесува за државните приходи.

„Очекуваме дека некое време нема да можеме да распределуваме профит“, рече тогаш тој.

Со години, германското Министерство за финансии рутински проектира буџет со околу 2,5 милијарди евра профит на Бундесбанк. Ова не беше можно во последните неколку години поради ефектите од инфлацијата и каматната политика.