Бундесбанка предупредува дека е многу веројатно да има рецесија во Германија

33

Рецесија во Германија, најголемата економија во еврозоната, е сè поверојатна, а инфлацијата ќе продолжи да се забрзува и би можела да го достигне својот врв оваа есен – над 10 отсто, објави денеска германската Централна банка.

Со индустрија, која во голема мера е зависна од рускиот гас, Германија е меѓу најранливите европски земји на какво било нарушување на снабдувањето со енергија, а зголемените трошоци за гас веќе влијаат на производството и се очекува да се влошат.

„Падот на економското производство во зимските месеци стана многу поверојатен. Високиот степен на неизвесност околу испораките на гас оваа зима и наглото зголемување на цените веројатно ќе им наштетат на домаќинствата и бизнисите”, се вели во извештајот на германската Централна банка.

„Вкупно, стапката на инфлација би можела наесен да достигне 10 отсто. Ризикот од зголемување на инфлацијата е висок, особено во случај на целосен прекин на испораките на гас од Русија”, објави Бундесбанката. Ова го зголемува ризикот од брзо зголемување на платите, особено со оглед на рекордно ниската невработеност, која може да го продолжи периодот на висока инфлација преку спирала на раст на платите и цените, предупреди Бундесбанката.

ЕЦБ ги зголеми каматните стапки од рекордно ниските нивоа минатиот месец за да се бори против инфлаторните притисоци, но понатамошни зголемувања се речиси сигурни бидејќи не се подобрува ситуацијата во однос на изгледите за раст на цените.