
BYD Dolphin Surf, електричен градски автомобил на кинескиот производител пристигнува во Европа со одлична опрема и пристапна цена
BYD веќе го разбранува европскиот пазар со својата понуда на електрични возила, а најновиот модел Dolphin Surf – познат како Seagull во Кина – ветува да биде сериозен конкурент во сегментот на градски електрични автомобили со пристапна цена. Иако во Кина се продава за околу 10.000 долари, европската верзија има цена која сепак е мошне конкурентна, земајќи ги предвид опремата, перформансите и технологијата што ги нуди.
Стартна цена под Citroën e-C3
Со должина од 3.990 mm, Dolphin Surf веќе е достапен во Германија по цена од 22.990 до 30.990 евра. Но, до 30 јуни, BYD нуди промотивна почетна цена од само 19.990 евра – пониска од Citroën e-C3, кој стартува од 23.300 евра. Иако е поскап од Dacia Spring, која чини 16.900 евра, Dolphin Surf нуди значително подобри перформанси и повисоко ниво на опрема.
Dacia Spring, иако поевтина, има бавна акцелерација (0–100 km/h за 19,1 секунда) и скромна опременост, без дисплеј или други модерни функции. BYD, од друга страна, дури и во најосновната Active верзија нуди 10,1-инчен допирен екран и електрично прилагодливи и греани ретровизори.
Три нивоа на опрема и две батерии
Моделот Dolphin Surf се нуди во три нивоа на опрема: Active, Boost и Comfort. Active и Boost доаѓаат со мотор од 87 коњски сили, но со различни батерии. Active користи мала 30 kWh LFP батерија со максимум брзина на полнење од 65 kW, додека Boost добива 43,2 kWh батерија и полни со 85 kW. Двата модели се полнат од 30 до 80% за околу 30 минути.
Највисокото ниво, Comfort, ја задржува батеријата од Boost, но добива помоќен мотор со 154 коњски сили. Со тоа, забрзувањето од 0 до 100 km/h се скратува на 9,1 секунда. Дополнително, Comfort носи и дополнителни удобности како 360° камера, безжично полнење телефон, LED светла, греани седишта и автоматски преклопливи ретровизори.
Автономија и европско производство
BYD сѐ уште не објавува комбинирани WLTP податоци за автономијата, но според британскиот Auto Express, трите верзии имаат домет од 221, 322 и 311 km. Тоа е солиден резултат за градско возење и кратки патувања.
Првите примероци ќе се увезуваат од Кина, но во иднина производството ќе се префрли во новата фабрика на BYD во Унгарија. Со оглед на тоа што Stellantis, Volkswagen и другите европски производители се уште развиваат поевтини електрични модели, Dolphin Surf им поставува сериозен предизвик кој не смеат да го игнорираат.