Воспоставување на електронска размена на податоци за увоз и извоз помеѓу двете држави пред пристигнување на стоката, билатерално меѓусебно признавање на статусот на Овластен економски оператор, подобрена комуникација и размена на податоци во реално време, како и воспоставување контакт лица со цел побрза реакција на службите.
Ова се заклучоците од средбата на директорот Бобан Николовски со директорката на Царинската управа на Црна Гора Маја Вучиниќ, остварена на маргините на тридневната Конференција на високо ниво за соработка меѓу полицијата и царината за мало и лесно оружје и криумчарење мигранти во Југоисточна Европа во организација на ОБСЕ.
Двете страни се договорија во најскоро време да остварат билатерална средба на високо ниво на која ќе бидат вклучени и стручните служби од двете страни со цел побрзо остварување на дефинираните заклучоци. Усогласениот Протокол за електронска размена на податоци помеѓу двете земји преку SEED системот во рамки на ЦЕФТА ќе биде потпишан за време на состанокот на високо ниво на директори на царините од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ, кој ќе се одржи во Будимпешта од 18 до 19 ноември годинава.
Целта на договорените мерки е олеснување и забрзување на легалната трговија што ќе придонесе кон зголемување на конкурентноста на економиите на двете држави. Воедно размената на информации во реално време ќе придонесе за ефикасно делување во насока на сузбивање на криминалот и нелегалната трговија.
Двете страни изразија уверување за силната посветеност во остварување на стратешките приоритети и заедничките цели за економски напредок на регионот, при што од голема важност е унапредување на соработката на меѓународно ниво.