CEED Hub Skopje дел од Конзорциумот којшто ќе развива програми за поддршка на стартапи

33

Три бизнис акцелератори за млади претприемачи и иноватори, добија финансиска поддршка, како дел од проект којшто на младите луѓе со креативни бизнис планови ќе им понудат можност и поддршка за развој на бизниси и старт-ап компании.

По спроведени интервјуа со единаесет пријавени апликанти беа одбрани Деловно-технолошки акцелератор УКИМ ДОО Скопје, СЕАВУС- едукативен и развоен центар и Друштвото за деловна, техничка поддршка и едукација ИКС Фактор. Целта на трите апликанти конзорциуми ќе биде да развијат програми за основање и развој на стартап компании за млади.

CEED Hub Skopje како дел од деловно-технолошки акцелератор УКИМ ДОО Скопје, ќе биде одговорен за реализација на акцелераторската програма со што ја продолжува поддршката на младите луѓе кои имаат бизнис идеи.

За овој конзорциум ќе бидат одвоени речиси 500.000 евра од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), а вкупниот буџет за сите три проекти е 2 милиони евра, од коишто (ФИТР) во соработка со Светската банка обезбедува 1,5 милиони евра, додека апликантите вложуваат половина милион евра, сопствени средства.

На настанот којшто се одржа вчера се обратија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, директорот на Светската Банка за Македонија и за Косово, Марко Мантованели и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски.

Деспотовски, како претставник на Фондот за обнова и развој потпиша договори за финансиска поддршка со трите конзорциуми избрани од Комитетот за одобрување на инвестициите.