На светските пазари цените на нафтата пораснаа минатата недела по четврти пат по ред, најмногу поради новите американски санкции против руската нафтена индустрија. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 1,3 отсто, на 80,79 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 1,7 отсто, на 77,88 долари.
Зголемувањето на цените четврта недела по ред е најмногу резултат на новите санкции кон Русија. Американскиот претседател во заминување Џо Бајден минатата недела усвои серија нови казнени мерки за да го зголеми притисокот врз Москва кон крајот на неговиот мандат.
Американската влада воведе санкции за повеќе од 250 компании и поединци, вклучително и група од нив во Кина, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Малезија, за да спречи заобиколување на усвоените мерки.
Воведени се и нови ограничувања за речиси 100 компании од финансискиот, енергетскиот и логистичкиот сектор на Русија, што може да го отежне нивното укинување на новата администрација предводена од Доналд Трамп.
Цените беа поддржани и од надежите на инвеститорите за закрепнување на побарувачката од Кина, најголемиот увозник на нафта во светот, откако минатата недела беше објавено дека кинеската економија минатата година пораснала за 5 отсто, во согласност со владините прогнози.
Минатата година, производството на нафта во кинеските рафинерии падна за прв пат во две децении, исклучувајќи го падот за време на пандемијата во 2022 година, а трговците се надеваат дека новите монетарни и фискални мерки на кинеските власти оваа година ќе стимулираат побрз економски раст, а со тоа и побарувачка за нафта.
По благ пад минатата година, цената на нафтата значително порасна во првите три недели од оваа година, достигнувајќи ги највисоките нивоа во последните три месеци. Во однос на почетокот на годината, цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за околу 9 отсто, а на американскиот за околу 10 отсто.