
Цените на гасот во Европа денес пораснаа по нападот на САД врз Иран, што дополнително ги разгоре стравувањата од затворање на Ормутскиот теснец.
На референтната холандска дигитална берза TTF, мегават-час гас за испорака во јули изнесуваше 42,44 евра на отворањето на берзата во понеделник, што е највисоко ниво од почетокот на април.
Во текот на утрото, цената се стабилизираше и мегават-час гас изнесуваше 41,23 евра околу пладне, приближно исто како и во петокот на затворањето на тргувањето. Највисокото ниво оваа година беше достигнато на 10 февруари – 56,94 евра.
Инвеститорите беа вознемирени на почетокот на неделата од нападот на САД врз подземните нуклеарни постројки во Иран. САД нападнаа постројки во Исфахан, Натанц и Фордо во ноќта од сабота кон недела, наведувајќи ја како причина желбата да се спречи развојот на нуклеарно оружје, пишува Seebiz.
Фото: Pixabay