
На глобаните пазари, цените на нафтата пораснаа минатата недела, надоместувајќи дел од загубите од претходните две недели, бидејќи трговците се надеваат на забрзување на економскиот раст и со тоа на посилна побарувачка.
Цената на барел на лондонскиот пазар се зголеми минатата недела за 2,9 проценти, на 67,73 долари, додека на американскиот пазар, барелот порасна за 1,4 проценти, на 63,66 долари.
Зголемувањето на цените се должи, меѓу другото, на зајакнувањето на побарувачката во САД. Имено, американската Администрација за енергија (EIA) објави дека залихите на сурова нафта се намалиле за шест милиони барели пред една недела, значително повеќе отколку што очекуваа аналитичарите.
Залихите на бензин, исто така, се намалија за 2,7 милиони барели, додека залихите на дестилати, кои вклучуваат мазут и дизел, се зголемија за 2,3 милиони барели, соопшти EIA.
Надеж за раст на светската економија
Цените се поткрепени и од надежите на трговците за побрз раст во најголемата економија во светот, што би ја зголемило побарувачката за нафта, бидејќи американската централна банка би можела да ги намали каматните стапки во септември.
Во петокот, претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, сигнализираше дека се приближува времето за прилагодување на монетарната политика.
Понатаму, цените на нафтата се поддржани и од неизвесноста поврзана со напорите насочени кон воспоставување мировни преговори меѓу Русија и Украина.
Сепак, зголемувањето на цените на нафтата е ограничено поради зголемувањето на производството на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, но и затоа што евентуалниот крај на војната во Украина би можел повторно да ја отвори вратата за руска нафта на светските пазари.











