
На светските пазари, цените на нафтата скокнаа за повеќе од 12 проценти минатата недела, достигнувајќи ги највисоките нивоа од крајот на јануари, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето од Блискиот Исток по нападот на Израел врз Иран.
Цената на барел на лондонскиот пазар скокна за 12,5 проценти минатата недела, на 74,25 долари, додека на американскиот пазар, барелот се зголеми за 13 проценти, на 72,95 долари.
Скокот на цените на највисоките нивоа од крајот на јануари е последица на неочекуваниот израелски напад врз Иран во петокот.
Израел започна бран напади врз нуклеарните постројки на Иран и фабриките за балистички ракети, што, според Тел Авив, треба да му оневозможи на Техеран да произведува нуклеарно оружје.
Иран одговори со напади врз цели во Израел, што сето тоа се заканува да го ескалира конфликтот на Блискиот Исток.
Трговците стравуваат за испораките на нафта преку Ормутскиот теснец, низ кој дневно минуваат 18 милиони барели нафта, кондензат и гориво. По силниот скок на цените на нафтата, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во петокот објави дека ја следи ситуацијата и дека е подготвена да пушти нафта од кризните резерви на пазарот, доколку е потребно.
Фото: Pixabay











