Цените на златото растат поради неизвесноста околу тарифните планови на Трамп

Цените на златото денеска се стабилизираа на околу 2.750 долари за унца по тридневен раст, но тие остануваат блиску до историски највисоки нивоа поради неизвесноста околу плановите на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини.

Инвеститорите бараат безбедно засолниште за капиталот бидејќи стравуваат од можни трговски војни, пренесува порталот Trading Economics.

Креаторите на политиките на Европската централна банка (ЕЦБ) вчера го поддржаа натамошното намалување на каматните стапки, па пазарите очекуваат нивно намалување на 30 јануари по состанокот за монетарната политика.

Каматната стапка на депозитите во еврозоната сега е три отсто, каматната стапка на операциите за главно рефинансирање е 3,15 отсто, а каматната стапка на маргиналниот кредитен капацитет е 3,4 отсто.

Кога каматните стапки се ниски, инвеститорите бараат алтернативни начини да го зголемат својот профит, па затоа се свртуваат кон златото како посигурна инвестиција. Побарувачката за злато се зголемува и доведува до раст на неговата цена.

Спротивно на тоа, американската централна банка, ФЕД, се очекува да не ги намалува каматните стапки на состанокот за монетарната политика, бидејќи се верува дека политиките на претседателот Трамп би можеле да ја поттикнат инфлацијата во САД.

Каматните стапки во САД моментално се движат меѓу 4,25 и 4,5 отсто.