Цените растат, платите стагнираат – Синдикалната кошничка надминува 63.000 денари

Синдикалната кошничка со кирија достигнува 79.283 денари

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во мај се зголемени за 1.217 денари во споредба со април, покажуваат податоците што денеска ги објави Сојузот на синдикати на Македонија.

Вредноста на синдикалната минимална кошничка, според објавените податоци, во мај изнесува 63.908 денари што е за 1.217 денари повеќе во однос на априлската синдикална кошничка која изнесуваше 62.691 денари.

Со изнајмен стан од 60 квадрати синдикалната кошничка изнесува 79.283 денари.

Трошоците за храна и пијалаци во синдикалната кошничка во мај изнесуваат 22.434,00 денари и се за 954 денари зголемени во споредба со април.

– Евидентно е дека без мерки, цените неконтролирано се зголемуваат, а предизвикот со високите цени особено на основните прехранбени производи прави огромен притисок врз ниските плати на работниците во Македонија. Во услови на зголемени трошоци за живот, зголемената вредност на Синдикалната минимална кошница особено по завршувањето на мерките на Владата упатува на тоа дека е потребен раст на платите. Денеска е повеќе од јасно дека за растот на платите не говориме само ние од ССМ, туку се погласно зборуваат работниците и граѓаните кои на свој грб ја чувствуваат оваа неправда, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.