Централната банка на Сирија за прв пат во историјата ќе биде предводена од жена

Новата влада во Дамаск објави дека Централната банка на Сирија за прв пат во историјата ќе биде предводена од жена, Мајса Сабрин.

Таа претходно ја извршуваше функцијата прв заменик-гувернер на Централната банка на Сирија, а беше и на позицијата директор на супервизија, како и на други позиции во банката, пренесува порталот Ал-Арабија.

Како што е наведено, Мајса Сабрин од 2018 година е и член на Управниот одбор на берзата во Дамаск, претставувајќи ја Централната банка на Сирија.

Нејзиното назначување доаѓа во време на повиците за вклучување на Сиријките во новата влада на земјата.

На почетокот на овој месец, Ајша Ал-Дибас беше назначена на чело на Канцеларијата за женски прашања, што ја прави првата жена на официјална функција во новата сириска администрација.

Режимот на поранешниот сириски претседател Башар Ал Асад беше соборен на 8 декември, а новата влада во Дамаск вети дека ќе ги почитува правата на жените, пишуваат медиумите.