Ситуацијата во Украина значително се одрази на сите сфери на животот, вклучително и спортот, а фудбалскиот клуб Челси би можел да претрпи големи промени, кои би можеле да го сменат сопственикот по 2003 година.
„Сините“ тогаш го презеде рускиот милионер Роман Абрамович, инаку близок пријател на Владимир Путин, под чие раководство клубот ги испиша најсветлите страници на историјата. Освоија две титули во Лигата на шампионите, два европски Суперкупа, две Лига Европа и последен во низата големи трофеи беше титулата светски клупски шампион. Секако, измеѓу беа освоени неколку домашни трофеи, меѓу кои пет во Премиер лигата, пет ФА купови и три Лига купови.
Сепак, по почетокот на воените акции во Уркаина, повеќето европски земји воведоа санкции кон Русија, а меѓу нив е и Велика Британија. Според најавите од „Островот“, британската влада на чело со премиерот Борис Џонсон подготвува нов пакет мерки, кои би можеле да го погодат сопственикот на актуелниот европски и светски клупски шампион.
„Блумберг“ пишува дека инвеститорите и акционерските друштва, претежно од САД, очекуваат наскоро Челси да биде ставен на продажба, а тој момент го чекаат на „низок старт“. Вредноста на лондонскиот клуб се проценува на 1,8 милијарди евра, а се верува дека Абрамович, притиснат од санкции би можел да го забрза процесот на продажба на клубот, за кој се зборуваше дека е спремен уште во 2018 година.
Од таа страна можеби нема да има толку многу проблеми, но споменатите санкции сигурно значително ќе ја „убијат“ цената на тимот од „Стемфорд Бриџ“.
Англичаните тврдат и дека на Роман Абрамович му е забранет влез во Велика Британија, а наводно со месеци не е виден во просториите на фудбалскиот клуб. Се наведува и дека никогаш нема да смее да се врати во својата куќа во близина на палатата Кенсингтон, која ја платил дури 125.000.000 фунти.