Четири милиони долари за 30 секунди реклама на најголемиот спортски настан во Америка

46

super bowlНа помалку од една недела пред најголемиот спортски настан во Америка, финалето во американски фудбал или Super Bowl, битката за милионските реклами од автомобилската индустрија се разгорува. Компаниите со длабок џеб веќе ги пуштија новите реклами наменети за НФЛ фановите.

Причина? Економија. И игра со бројки. Сумата од 2,4 милиони до 4 милиони долари за 30 секунди е голем трошок за само едно вртење. Но, тука се и преку 115 милиони Американци кои пред екраните ќе го следат првенството на 3 февруари.

И додека порано рекламите беа во втор план, сега процентот на гледачи кои го гледаат финалето повеќе поради рекламите отколку поради играта е огромен. А резултатот од рекламирањето во финалето е мерлив како и при секоја инвестиција.

“Предвременото пуштање на рекламата и го продолжува животот, го зголемува интересот на потрошувачот, и што е најважно, им носи нови клиенти на нашите дилери”, вели Стив Шенон, потпретседател на маркетингот за Hyundai Motor America.

Последнава причина, веројатно, е најважна за закупување на простор за реклами. Со тоа на ум, свои реклами или тизери во јавност веќе пуштија Mercedes-Benz, Hyundai, Audi, Lincoln, Volkswagen, Toyota, Kia.

Audi годинава имаше поразличен пристап кон рекламирањето на Super Bowl, со тоа што на гледачите им остави 24 часа време да изберат еден од три завршетоци на рекламата Audi 2013 Big Game Commercial – Prom.

Во продолжение може да го видите крајот “Worth It”.

Audi

Mercedes-Benz

Toyota

Volkswagen

Kia

CBS кој ќе го пренесува натпреварот на 3 февруари, изјави дека времето за реклами е распродадено, но доколку некој сака да плати пет или шест милиони долари, ќе му најдат место. CBS просторот за реклами го продаде за во просек од 3,7 до 3,8 милиони долари за 30 секунди.

Меѓу компаниите кои си купија простор се Anheuser-Busch, Best Buy, cars.com, Coca-Cola Company, Oreo, PepsiCo, Samsung, Mars, Unilever… А за место се изборија и филмските студија Paramount Pictures, кое ќе го најави новиот филм Star Trek Into Darkness, потоа Walt Disney Company и Universal дивизијата од NBCUniversal.

Оние што го следат Super Bowl поради играта, а не поради рекламите, во финалето ќе ги гледаат Балтимор и Сан Франциско.