Четири видови на состаноци што треба да ги откажете

392

sostanok

Фото: Pixabay

Многу често се случува тимските состаноци на работа наместо да бидат исполнети со идеи за решавање на проблеми и размена на мислења, да се сведат на исцрпувачки и досадни средби каде ништо не е постигнато.

За да не биде така, Inc. пишува кои четири типа на состаноци треба да ги откажете или преформулирате.

Рани состаноци

Некои луѓе се вистински утрински птици. Сосема се способни да “се фрлат” на задачите уште рано наутро. На останатите им треба шолја кафе и малку повеќе време да се прилагодат на новиот ден. Во секој случај, состаноците на почетокот на денот се контрапродуктивни. Со нив го скратувате продуктивното време на ранобудниците, а оние другите едноставно нема многу да придонесат на овие средби. Оставете малку простор сите да се разбудат и да ги преструктуираат своите мисли, па потоа закажете состанок.

Состаноци на коишто сите се согласуваат

Ако свикувате состанок да се дискутира на тема за којашто сите веќе се согласуваат, губите време. Во вакви ситуации тоа што треба да го кажете можете да го споделите преку мејл. Тимските состаноци се повеќе за разменување на идеи и размислувања надвор од конвенционалното. Ефикасни состаноци се оние каде што имате неколку луѓе кои не размислуваат како останатите и сакаат и другите да ги погледнат работите од малку поинаков агол. Она што може да го направите во овој случај е да ги охрабрите вработените да дојдат со малку поинаква идеја, нешто неочекувано и ново. Сепак, треба да имате одредени правила и да не дозволите дискусијата да излезе надвор од контрола.

Состаноци без потребната опрема и подготовка

Ако единствената подготовка за состаноците ви е испраќање на агенда, не ги покривате сите потребни елементи. Треба да бидете сигурни дека сите се на потребната локација и дека има доволно простор да се одржи состанокот. Исто така, треба да се има потребната опрема како интерактивна табла, бележници и слично. Во спротивно, секој недостаток ќе биде губење на време.

Состаноци наменети само за делегирање

Идеално би било на крајот на секој состанок да имате план, односно активност или задача за секој вработен. Што е уште поважно, треба да им дозволите на вработените да кажат што мислат во однос на доделената обврска. Ако секој состанок завршува со делегирање на задачи, на некој начин го заробувате тимот, недозволувајќи им да пробаат нови нешта или да ги искористат сите вештини што ги имаат. Секако, треба да имате во предвид што на кого делегирате. Задачите треба да се соодветни со описот на работното место. Добро би било да понудите и екстра одговорност за оние што ќе се пријават како волонтери. Со тоа може да дознаете кои вработени имаат лидерски аспирации и способности.